Рекогносцирање на неолитски локалитети во гевгелискиот регион. Во досегашната археолошка практика гевгелискиот регион не беше темелно истражуван во контекст на неолитските локалитети. Ваквата ситуација наложува да се направат најелементарните форми на проспекција на потенцијалните локалитети во оваа област и да се утврди нивната хронолошка припадност. Од тие причини, ќе биде извршено рекогносцирање на две веќе познати неолитски наоѓалишта во гевгелискиот регион (Смоквица и Вардарски Рид), како и на неколку потенцијални тумби и рамни населби кои се наоѓаат од двете страни на реката Вардар. Пронајдениот археолошки материјал ќе биде депониран во НУ Музеј – Гевгелија, каде што ќе биде документиран (инвентариран, цртан и фотографиран) и приложен на понатамошно научно разгледување. Сознанијата добиени од овие рекогносцирања во голема мера ќе продонесат за следењето на правците на неолитизација во Македонија и ќе ги редифинираат или надополнат веќе постоечките очекувања за демографската и општествената динамика во овој регион.

Координатор: Гоце Наумов

Микро-топографија на Видин Град, село Водоврати (Аргос на Вардар?)
Основна цел на ова истражување е да се изврши детална документација на движните и недвижни површинските наоди на просторот на локалитетот Видин Град, кај село Водоврати. Во домашната археолошка јавност, овој локалитет одамна е познат и идентификуван со античкиот град Аргос. Богатите археолошки остатоци пронајдени на самиот локалитет или во неговата поблиска околина го привлекле вниманието на голем број истражувачи. Изработен е и публикуван планот на градските ѕидини, а предложено е и грубо датирање на главните фази забележливи на површината. Меѓутоа овие податоци се собирани преку несистематски истражувања и посети на теренот. Затоа многу нешта околу историјата на оваа населба остануваат непознати. Предложениот проект има за цел да разгатне барем некои од наведениве:
1. Да се определи точната големина и граници на локалитетот;
2. Да се изврши основна техничка документација на артитектноските остатоци видливи на површината;
3. Дефинирање на евентуална хоризонтална стратиграфија на теренот преку квантификација и собирање на репрезентативни примероци движни површински наоди;
4. Увид во локалната, вертикална стратиграфија преку испитување на природни или вештачки откриени профили;
5. Проучување на непосредната околина на локалитетот со систематско и детално рекогносцирање на површинските наоди;
6. Увид и документирање на степенот на сочуваност на локалитетот.

Координатор: Дамјан Донев

„Cultural Encounters in Landscape Research: Pelagonia – case study (Среќавање на културите во истражувањата на пејсажот на Пелагонија)“ е колаборативен проект меѓу Институтот за археологија и етнологија при Полската академија на науките и Универзитетот „Евро-Балкан“. Во првата фаза, проектот предвидува рекогносцирање на одредени области и локалитети – тумби во Пелагонија, по што во следните години ќе следи и ископување на оние кои посочуваат на континуитет од неолитот до бронзеното време. Паралелно со овие активности ќе се спроведат етнолошко и социолошко истражување на селата во близина на локалитетите. Овие мултидисциплинарни истражувања ќе се фокусираат на континуитетот и разновидноста на културите кои егзистираат во еден микро регион од предисторијата до денес. Проектот ќе се одвива во рамки на летните месеци во 2013 година и во првата фаза претежно ќе се фокусира на тумбите кај селата Рибарци, Карамани, Могила и Добрушево, со што ќе се направи првичен преглед на археолошкиот материјал. Носители ќе бидат Полската академија на науките и Универзитетот „Евро-Балкан“, како и НУ Завод и Музеј Битола, како надлежна институција за истражувања во рамки на регионот на Пелагонија.

Координатор: Гоце Наумов

Copyright © 2010 EvroBalkan