Интензивно и систематско рекогносцирање на една мала, бочна долина по текот на Средниот Вардар-источното подножје на Клепа

 

Во есента 2012 година Евро-Балкан во соработка со здружението на граѓани “Археологика“ организираше истражување и школа за интензивно рекогносцирање на движни и недвижни површински наоди во една долина на десниот брег на Вардар, недалеку од утоката на Брегалница. Истражувањето траеше 12 дена за кои успеавме да покриеме едвај околу 40 хектара. Беа пронајдени траги од населбинско живеење од периодот на Неолитот, Железното Време и Римската Епоха. Во курсот зедоа учество студенти од Велика Британија и Австралија.

 Координатор: м-р Дамјан Донев

 

The Neolithization of Macedonia and its Relationship with Anatolia (Неолитизацијата на Македонија и нејзините врски со Анадолија). Овој проект, подржан од The Prehistoric Society во Лондон, предвидува утврдување на главните траси по кои се одвивала неолитизацијата на Македонија, како и дефинирање на социјалните и симболичките форми кои го манифестираат овој процес преку материјалната култура. Притоа, во првата фаза ќе се разгледува ранонеолитскиот материјал од неколку потемелно истражени локалитети во Македонија (Амзабегово и Велушина) и особено сличностите со сликаните садови, печатите и фигурините од локалитетите во Централна Анадолија (Турција). Во наредниот степен од истражувањата ќе се пристапи кон рекогносцирање на податливи области и локалитети кои ќе приложат нови сонанија за најраното населување на првите земјоделци во Република Македонија. Последната фаза од проектот подразбира учество во археолошко ископување на предисторискиот локалитет Чатал Хујук во Турција, како и во лабораториско истражување на фигурините од овој локалитет, кој е од особено значење за раниот неолит во Македонија. Притоа, ќе се определат евентуалните врски или можности за натамошно следење на релациите меѓу Анадолија и Македонија во почетоците на неолитот.

 Координатор: Гоце Наумов

Copyright © 2010 EvroBalkan