Археолошка школа – Пелинце: обука за запознавање со современите методи на археологијата

Археолошката школа – Пелинце предвидува соработка меѓу неколку домашни и странски стручњаци кои ќе ги обучат студентите во повеќе значајни сегменти од археологијата. Во рамки на овој проект е предвидено да се врши ископување и обука на предисторискиот локалитет Градиште, с. Пелинце (во кумановскиот регион), а кој овозможува одлични услови за научно усовршување на младите археолози. За таа цел студентите ќе имаат можност да бидат вклучени во ископување на локалитетот, како и во обработка на археолошкиот материјал обезбеден преку ископувањата. При ископувањата студентите ќе бидат обучени со најновите методи на теренско истражување (Харис Матрикс и ГИС), кои ќе бидат презентирани од странскиот и македонскиот тим на соработници. Во текот на обработката на материјалот студентите ќе се запознаат со современите и традиционалните форми на документирање археолошки артефакти, како и со формите на нивно најдоследно презентирање. Паралелно со тековните активности, студентите ќе имаат прилика да се обучат во техниките на теренското рекогносцирање, како и да се запознаат со методите на конзервирање керамички материјал.
      Координатор: Александра Папазовска-Санев
      Соработници: Дамјан Донев, Гоце Наумов

Спомениците од минатото: богатство кое го губиме

Проектот ќе се состои од серија куси предавања на теми поврзани со археолошкото-културно-историско наследство во неколку средни училишта во Скопје. За оваа цел веќе се остварени контакти со директорите на неколку средни училишта и добиена е начелна согласност (С.У.Г.С. Здравко Цветковски, С.У.Г.С. Георги Димитров). Планирано е предавањата да се одржат во рамки на одредени предмети или вон училишниот курикулум, во просториите на училиштата. Во зависност од динамиката на одлучување по предложените проекти, предавањата може да се одржат веќе во месец Мај или најдоцна до месец Октомври. Опремата потребна за одржување на овие предавања (лап-топ компјутер, видео проектори итн) е обезбедена од Универзитетот Евро-Балкан. Начелно планираме да одржиме четири предавања на општи теми поврзани со археолошкото и културно-историско наследство и неговата актуелност, како и да обрнеме внимание на богатата историја и археологија на градот Скопје и неговата поширока околина. Едно предавање би траело околу половина час, за да оставиме простор за прашања и дебати. Предавањата ќе ги држат д-р Лидија Ковачевска, м-р Дамјан Донев, м-р Гоце Наумов, м-р Александра Папазова. Еве ја листата на работни наслови на планираните предавања:
1.    Што претставуваат археолошките и културно-историски споменици и зошто се тие значајни?
2.    Како да го препознаеме археолошкото и културно-историско наследство во нашата непосредна околина?
3.    Како им наштетуваме на спомениците од минатото и како може да ги сочуваме?
4.    Историјата на градот Скопје раскажана од старите градби, предмети и преданија.

Координатор: Дамјан Донев
Соработници: Лидија Ковачевска, Гоце Наумов, Александра Папазовска-Санев

Форензичка анализа и доистражување на масовната гробница од источната некропола на Скупи

Откриена минатата година во текот на заштитните ископувања на источната некропола од страна на Музеј на Град Скопје, оваа гробница претставува уникатно откритие, дури и во светски рамки. Минатогодишните заштитни ископувања открија само дел од оваа гробница, а првичните форензички анализи извршени од страна на институтот за судска медицина укажуваат на насилна смрт, поточно егзекуција на повеќе од 100 индивидуи. Со оглед на релативното малите средства што може да се издвојат од домашниот буџет како и лимитираноста во смила на технички средства и експертиза, Институтот за Древни Студии при Универзитетот Евро-Балкан покрена иницијатива за меѓународна соработка со универзитетите Болоња и Пиза. Целта ни е да е конкурираме со оригинален истражувачки проект, што предвидува целосно доистражување на гробницата, како и имплементирање на најновите методи и техники на форензичко испитување на антрополошки останки.

Координатор: Паско Кузман

Copyright © 2010 EvroBalkan