icon
Avatar
RisteA
Moderator
Posts:
Одделот за современа политичка мисла е инклузивен, трансдисциплинарен академски простор што се стреми да ја обмислува политиката низ порозните граници на различните дисциплини во хуманистиката и општествените науки. Неговата главна цел е да го конфронтира доминантното врамување и дисциплинирањето на политичкото знаење во модернитетот, и да промовира еден заеднички, а и во исто време разновиден, глобален и регионален, простор за интелектуална комуникација, академска работа и педагошка пракса.Ние поаѓаме од нашето длабоко уверување дека одговорите на најтешките општествени и политички проблеми на 21-от век не можат да се замислат со разредените и осипани референтни рамки на најдоминантните, највлијателните и најконвенционалните дисциплини во хуманистиката и општествените науки (како политички науки, политичка философија, политичка економија, итн.).

Целосната комплексност, материјалност и брзината на современите политички настани наметнуваат соочување со едно поинакво политичко размислување што не се плаши постојано да се прашува за сопствените епистемолошки привилегии и за политичките ефекти кое ги креира. Мислиме дека современата политичка мисла како трансдисциплинарен облик на политичко истражување, како дисциплина без стриктни дисциплинарни граници која црпи од работата на интелектуалци кои работат во различни, но тесно поврзани дисциплини, интелектуални традиции и средини, нуди излез од кашата во која не има донесено потрагата по позитивистичко, Картезијанско и инструментално дефинирање на политичкото знаење во функција на контролирање, произведување и трансформација на материјални и човечки простори.Постои сериозна опасност за демократијата и за формулирањето на една праведна општествена политика, опасност која Орвел многу добро ја разбра, кога политичкото знаење е сведено на една инструментална алатка, на еден политички и економски производ кој се продава на политичари, општествени администратори и студенти.

Менаџеријалистички универзитети по целиот свет, а и во нашиот регион, во нивната потрага по профит тесно го имаат ограничено универзитетот како слободно место за храбро интелектуално истражување.Одделот за современа политичка мисла при Научниот институт „Евро-Балкан“ е основан со цел да се спротивстави на оваа опасна тенденција и да го обезбеди тоа ретко, отворено и алтернативно место за трансдисциплинарно политичко истражување. Одделот истотака ја рефлектира реалноста дека се поголем број на академски работници и последипломски студенти низ целиот свет потполно и длабоко ги замаглуваат сите дисциплинарни граници во хуманистиката и општествените науки, така креирајќи нови хибриди на политичко знаење и пракса, кои ги преформулираат старите внатрешни правила, норми и предубедувања на старите дисциплини за тоа што може да се истражува и каже за рубриката „политика“.

На крајот, наша најважна цел е да значително придонесеме кон забрзувањето на демократизацијата на нашата земја, регионот и светот, преку накрстно оплодување на мисли од различни култури, дебати, конфликти, дисциплини и интелектуални традиции, во духот на интернационализмот и регионализмот, со почитување на разликите, и делејќи една заедничка борба за општествена правда дома и во странство.
03-03-2011 10:21
icon
Copyright © 2010 EvroBalkan