icon
Avatar
DraganaV
Posts: 1
Хармонична овошна салата со реален прелив



Се вели дека Македонија го добила своето име токму поради мешавината од народи што живеат на нејзината територија. Зборот macedonia на италијански значи овошна салата – плипот овошки измешани во еден сад, секоја различна и по боја и по мирис и по вкус, а сепак толку хармонично поврзана со другата, чиниш ако само една недостасува совршенството исчезнува како фатка стапалки по песочен брег.
Сепак, во реалноста, соживотот во Македонија делува недостижен. Речиси нема ден да помине, а низ дневниот печат да не се рашират како разулавен пожар вести за нови конфликти, било меѓу поединци или помеѓу групи, некои од нив завршуваат со тешки последици, а во некои прерано се гасне кревкиот, трепетлив пламен на животот. Изгледа дека и непрестајните повици, молби, апели од (некои) невладини организации и грст поединци кои се обидуваат да го окончаат лудилото даваат или многу слаби или никакви резултати. Меѓуетничкиот курцшлус во Македонија е горлива тема – неисцрпна колку и неподнослива. Никој не сака да зборува за неа, а сите сакаат разрешница.
Како минуваат годините сè повеќе сум на мисла дека верата, јазикот и обичаите не се оние што го формираат непремостливиот јаз помеѓу двете најголеми етнички заедници во Македонија. Некое зло што се извива над нас, некој волк во јагнешка кожа е она што ѝ се заканува на нашата земја и на нејзините граѓани. Ја слушаме неговата извештачена злорадосна смеа, ги чувствуваме неговите мокри, лепливи канџи како дрско нè зграпчуваат, го гледаме неговиот гротескен лик со очи од кои шурка садизам и не преземаме ништо. Дали е тоа поради страв или поради инертноста во која сме втурнати со евтината забава што секојдневно трешти од нашите мали мили сакани домашни кутии полни изненадувања кои сме ги купиле на кредит сè уште ми е мистерија. А кога сме веќе кај ѓаволските кутивчиња ете ни го и одговорот на вечното прашање – како успеа со молскавична брзина она што до вчера беше единомислие да се претвори во едноумие? Народот сè повеќе се затвора за она што е добро, чесно, исправно и сè повеќе посегнува по темнината од другата страна на огледалото. Мандела вели дека омразата и гневот не се вродени, дека се стекнуваат со време и верува дека човекот е многу посклон кон љубов отколку кон кое било мрачно чувство. Па зошто тогаш се случува ова што се случува? На патот по кој одиме сега не само како држава, не само како народ, туку како луѓе, во генерална и сеопфатна смисла на зборот, заедницата меѓу љубовта, братството и солидарноста како концепт, како цел кон која, некои велат, се стремиме, не се наоѓа зад нас, за жал не се наоѓа ни пред нас – се наоѓа под нашите нозе. Се наоѓа во правта низ која чекориме и која еден ден бездруго целосно ќе нè заслепи, ќе навлезе во секоја пора од нашето постоење, подмолно ќе се вгнезди во секое дупче од каде што би требало да влегува знаење, да влегува светлина. И попусто ја чекаме вистината како горолом да дувне низ нас, да ги оддува сиот глотеж и сите пајажини што во нас препредено и посветено ги исплеле неморалот, ламтежот, алчноста, мрзеливоста, гневот, зависта, гордоста; попусто со очи полни желби стоиме боси, неисчешлани, парталави и измрсулавени на прагот од сопствената трошна куќарка и само се надеваме дека еден ден ќе дојде некој и ќе нè спаси (од самите себе).
Би сакала да можев да ја гледам Македонија низ розови очила во форма на срциња, сето сивило да умеам да го прекријам со пастелен прелив и да го омекнам со млечни нијанси, но каде и да се свртам гледам дека живееме во Потемкинова земја, на заткулисните нечисти игри им нема крај. Во еден од своите бројни обиди да ја разбуди свеста и совеста кај македонскиот народ жестокиот борец за човекови права и слободи, г. Џ. М. Дерала ќе рече: „Ги гледам ѕидовите високо дигнати меѓу луѓето и не можам да разберам како стана толку тешко да се види очигледното и како способноста за говор стана хендикеп...“. Навистина, луѓето сè поретко комуницираат, а комуникацијата е првиот и основен чекор за квалитетен дијалог, за наоѓање компромис, за постигнување хармонија, која Хераклит ја дефинира како спој на две спротивности. Но којзнае од која причина ние не сме навикнати да слушаме, а уште помалку да го ислушаме другиот. Сме изгубиле осет за туѓите потреби некаде меѓу трката за пари и лобирањето за мнозинство на избори. И што е најлошо од сè, сме се изгубиле себеси! Веќе не толку полека, но секако сигурно, ги губиме вистинските вредности кои како котелци се распаруваат еден по еден во заборав. Нашите души се распаруваат во заборав, а ние и понатаму првата работа што ја правиме секое утро е седнувањето на Facebook, малку на воајеризам, а уште повеќе на ситење, сигурно за да препостираме некаква моќна реченица која едвај ја читаме, а уште помалку сме способни да го сфатиме нејзиното вистинско значење или скраја да е, да го примениме напишаното во сопствениот живот.
Сè додека не се научиме да ги користиме рацете за градење, а не за крадење на туѓото; сè додека не се научиме да ги користиме нозете за качување, а не за газење по ранетите тела на помалку среќните од нас; сè дотогаш ќе бидеме суетни, површни и заљубени во себе несфаќајќи дека за светот сме само една залутана мравка (човечка мрвка) – ќе бидеме ли столчени или помилувани изгледа зависи од некој исто толку каприциозен колку и ние.

Автор: Драгана Велковска
31-08-2012 23:54
icon
Copyright © 2010 EvroBalkan