Основна цел на „Институтот за древни студии“ е да прерасне во научно-истражувачка и образовна установа од областа на археологијата и проучувањето на материјалното културно наследство. Идејата е институтот да ги фокусира своите активности во истражувачка дејност, а индиректно и во обука на кадри во неколку области од сферата на археологијата и културното наследство. Притоа особен акцент ќе биде ставен врз развојот на техники на истражување и области што се на некој начин запоставени во програмите на постоечките истражувачки и образовни установи, а кои веќе неколку децении се применуваат и развиваат во најголем дел од универзитетите и научните институти во светот.

Главни стратешки цели на „Институтот за древни студии“ ќе бидат:

1.    Создавање на услови за работа и развој на научно-истражувачкиот институт.
2.    Запознавање и примена на најновите методи и теориски пристапи од областа на археологијата и реконструкцијата на материјалното културно наследство.
3.    Развој на современа образовна дејност која ќе резултира со обучување на високо-специјализирани кадри.
4.    Соработка со институции (универзитети, јавни и приватни установи) од областа на археологијата, историјата, антропологијата и сродни дисциплини од државава, регионов и пошироко.
5.    Учество и реализација на научно-истражувачки проекти од областа на археологијата и реконструкција на материјалното културно наследство, поддржани и спонзорирани од страна на европски и меѓународни фондации.
6.    Етаблирање и промовирање на археолошкото богатсво на земјата во странство преку сорабтка со разни партнери, публикации на странски јазици, учество на конференции и т.н.
7.    Формирање на конзерваторска – реставраторска лабараторија со цел заштита на движното културно наследство.
8.    Формирање на стручна библиотека.
9.    Организирање на специјализирани симпозиуми и предавања на одредени научни проблематики.
10.    Издавање на стручно – научно списание.

Преку своите научно-истражувачки активности, институтот ќе придонесе за модернизација и понатамошен развој на македонската археологија, особено преку примената на нови методи на теренска работа и нови теориски пристапи во интерпретацијата на древната материјална култура. Научно-истражувачката дејност воедно ќе претставува и основа преку која ќе се пренесуваат новите сознанија на младиот академско-научен потенцијал во Република Македонија.

Copyright © 2010 EvroBalkan