2012

Летен институт за Сексуалности, култури и политика
QUEERNESS, COMMUNITY, AND CAPITAL: TOWARDS NEW ALLIANCES OF THE POLITICAL

Одделот за родови студии при Институтот за хуманистички и општествени истражувања “Евро-Балкан“ од 13.08 до 18.08 2012 го организираше, за првпат, Летниот институт за сексуалности, култури и политика, како нов перманентен проект инициран од Институтот Евро-Балкан, Скопје, Македонија, а во соработка со Факултетот за медиуми и комуникација СИНГИДУНУМ, Белград.
Главната цел на Институтот е да обедини млади последипломски студенти, истражувачи, предавачи и активисти од Источна и Западна Европа и да промовира споделена платформа за истражување и трансдисциплинарно теориско промислување на комплексните модели на испреплетување помеѓу сексуалноста, културата и политиката. Нашата идеја е да креираме услови во кои студенти, професори, истражувачи и активисти ќе се здобијат со можноста да ги доведат под прашање, да ги децентрализираат и демократизираат овие области преку поместувањето на поимот за теориска и западна геополитичка привилегија честопати имплициран во овие области, и на тој начин  да воведат нови модели за промислување на контекстуално специфични феномени поврзани со сексуалностите. 
Овогодинешниот темат на летниот институт обедини предавања, дискусии и семинари под заедничкиот наслов “Квир, заедницата и капиталот: Кон нови алијанси на политичкото“.
Летниот институт вклучи серија предавања на теоретичари кои претставуваат некои од најзначајните имиња на светско и регионално ниво во областа на студиите на сексуалност, род, култура и политика. Институтот беше отворен со дводневни предавања на светски реномираниот професор, Дејвид Халперин од САД, кој во оваа прилика го презентираше своето последно истражување од неговата најнова, штотуку објавена, книга, “How to Be Gay”, а засновано на истоимениот курс што Халперин го води веќе 10 години на Универзитетот на Мичиген. Останатите денови вклучија предавања на проф. Марина Гржиниќ од Научниот и истражувачки центар при словенечката академија на науките и уметностите во Љубљана и Академијата за уметности во Виена, Јелисавета Благојевиќ од Факултетот за медиуми и комуникации, СИНГИДУНУМ во Белград и Џејми Хекарт од Велика Британија, основач на Мрежата за студии на анархизмот и ко-уредник на “Анархизам и сексуалност“.

Copyright © 2010 EvroBalkan