Истражувачки проект: Нацијата-државата и институциите на академско знаење: продукција и легитимација на доминантните дискурси за / на знаењето за општеството

Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ спроведува ново академско истражување, финансирано од Швајцарската агенција за развој и соработка - SDC.

Проектот е координиран од страна на Универзитетот во Фрајбург на тема: "Регионална програма за промоција на истражувања за Западен Балкан", кој има за цел зајакнување на капацитетите на академското истражување на младиот академски кадар од Балканот.

Овој истражувачки проект се фокусира на тоа како институциите за образование и наука од областа на општествените науки оспособуваат не само професионалци кои се вклучени во политиката и владините институции, туку и идеи, идеологии и доминантни модели на креирање на јавните политики во сите области.

Главниот фокус на истражувањето е дефинирањето на улогата на академската продукција на знаење, подеднакво во однос на истражувањето и високото образование, во создавањето на доминантните дискурси на тема -македонската нација, во врска со прашањето за транзицијата (од комунистичкиот политички систем до демократија и слободна пазарна економија) и за посакуваните модели на промени во општеството. Главен интерес на истражувањет е насочен кон улогата на академскиот сектор во обликувањето на македонското општество, и обратно, во истражувањето на улогата на политичките структури на моќ во моделирањето на високообразовниот систем и во формирањето на научни истражувања од областа на општествените науки.

Еден од главните предизвици во овој процес ќе биде постигнување на иновативни научни решенија за проблемите кои произлегуваат од парадоксите создадени од примената на моделите на западните демократии во контекст на пост-комунистичките, мултикултурни и економски неразвиени општества. Меѓу очекуваните резултати на проектот е да се овозможи подобрување на конкурентноста на академската заедница во регионот, што ќе придонесе академските истражувања во регионот да бидат поприсутни и повлијателени на европско ниво.

Copyright © 2010 EvroBalkan