Втор циклус на студии 2013/2014

Дигитална форензика.

Виртуелниот човечки свет се` повеќе постанува оној природен амбиент во кој човекот секојдневно живее и твори. Во тој свет и со помош на тој свет тој ги остварува своите желби и потреби, но истовремено ги развива своите потенцијали благодарение на неограничените можности на комуницирање и пристап до сите информации.

Паралелно со огромните позитивни придобивки, виртуалниот свет е придружен од многубројни негативни сопатници. Најопасен меѓу нив е компјутерскиот криминал. Таа, вообичаена и денес општо прифатена синтагма ги опфаќа сите казнени дејанија со кои неовластено се влијае на користењето, целокупноста,достапноста и тајноста на програмските и податковните основи на компјутерскиот систем, односно на мобилните телекомуникациски системи.

Злоупотребите на информатичко-комуникациските технологии се се` почести и поопасни. Затоа и превентивата од нив, нивното расветлување и докажување пред надлежните институции постануваат врвен приоритет речиси на исто рамниште како и самиот развој. Во тоа помага Дигиталната форензика.

Дигиталната форензика како наука има за цел собирање, чување, пронаоѓање, анализа и документирање на дигиталните докази кои се складирани, обработувани или пренесувани во дигитален облик. Тоа е еден комплекс од повеќе области од информатиката, комуникациите, правото и криминалистиката

Сложеноста на проблемите на кои наидуваат форензичарите, условиле специјализација на стручњаци за различни области. Дигиталната форензика можеме да ја поделиме на компјутерска форензика, форензика на мобилни уреди и форензика на бази на податоци. Во понапредните средини, форензичарите се занимаваат со одредени оперативни системи, се специјализираат за Windows, Linux и Mac OS. Форензичарите како и сите информатичари, мора редовно да ја следат технологијата.

Студентите на Втор циклус на студии, насока „Дигитална форензика“ во рамките на Институтот за „Дигитална форензика“ при Универзитет ЕВРО-БАЛКАН, ќе се оспособат методолошки да спроведуваат анализа на различни криминални активности во поедини компјутерски системи, компјутерски мрежи и мобилни телекомуникациски уреди. Исто така ќе се едуцираат да извлекуваат, дистрибуираат, припремаат, архивираат и прикажуваат дигитални докази пред званичните органи и судските институции. Тие ќе се специјализираат како судски вештаци во областа на електронскиот криминал. Студиите по дигитална форензика даваат одлична база-основа за нивно понатамошно развивање во областа на електронскиот криминал.

Copyright © 2010 EvroBalkan